Добрила Андоновска, член на координативното тело на жени на СДСМ, на прес-конференција обвини дека во Македонија системот на јавно здравство постои на хартија и користи само за партиски вработувања, а за да се добие здравствена услуга пациентите мора да се понуди мито.
„Јавното здравство постои на хартија и се користи само за партиски вработувања, за корупциски скандали, но пред сè за запоставување на граѓаните и нивното здравје“, изјави Андоновска.
Таа укажа на состојбите со родилиштата, на вработувањето, како што вели партиски кадри во болниците и на доцнењето на ветената медицинска опрема за модернизација на здравството. Буџетската дупка во здравството, посочи, според бројките до кои дошол холандскиот траст фонд, денес изнесува 50 милиони евра.
„Здравствените услуги не се подобруваат со вработување на немедицински персонал. Откако дозволивте да се распадне Клиничкиот центар и најеминентните доктори да прејдат во приватното здравство, воспоставивте систем на два директора на кој потрошивте милиони евра, непотребно ги наполнивте управните одбори со ваши луѓе, и конечно, удомивте нови 4,100 партиски војници од кои само една осмина се медицински лица. Тоа не се реформи“, рече Андоновска.
Според неа, со честиот недостаток на лекови, со недоследностите во политиката на имунизација, доцнењето на плати, на породилни и други боледувања. власта покажувала дека немате капацитет да се грижи за здравјето на граѓаните.
|