Министерот за внатрешни работи на германската покраина Северна Рајна Вестфалија, Ралф Јегер денеска треба да претстави привремен извештај за катастрофата што се случи на „Парадата на љубовта“ во Дуизбург, пренесува Дојче Веле.
Според информации на весникот „Зидојче цајтунг“, во него министерот Јегер одговорноста за масовната паника во која загинаа 20 лица му ја припишува на организаторот на манифестацијата. Тимот околу претприемачот Рајнер Шалер бил во повеќе наврати информиран за сомнежите на властите околу безбедносниот концепт на парадата, а покрај тоа на големата забава биле ангажирани помалку редари отколку што ветиле организаторите.
Во сабота во Дуизбург е закажана комеморативна свеченост за жртвите од трагедијата на која планираат да учествуваат и германската канцеларка Ангела Меркел и претседателот на државата, Кристијан Вулф.
|